Еурофарм Пелистер е првиот финалист во Купот на Македонија откако битолчани лесно славеа на полуфиналната пресметка со Пролет со убедливи 28-21. Очекувано, ноени на крилјата на одличниот триумф над Вардар во плејофот, избраниците на Александар Јовиќ одиграа во висок ритам што противникот од Скопје не можеше да го следи. Воедно, големата разлика му овозможи на тренерот Јовиќ да одмори дел од главните играчи за големото финале што на програмата е в сабота.
Уште од самиот старт стана јасно дека Еурофарм Пелистер ќе го диктира темпото, битолските „фармацевти“ по десет минути игра имаа водство од 6-2. Десетина минути подоцна „пелистерци“ имаа и „плус седум“ (12-5), предност што ја задржаа до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 17-10. Почетокот на вториот дел исто така мина во знакот на битолчани, кои поведоа со уште поубедливи 22-13. Преголемата предност како за момент да го опушти фаворитот, а Пролет знаеше како да го искористи тоа и намали на 23-17, резултат при кој скопскиот клуб не икористи и полуконтра. Јовиќ побара тајмаут, по што играта на Еурофарм Пелистер повторно се консолидираше, битолчани за момент се вратија на „плус девет“, за до крајот Пролет да намали на конечните седум гола разлика (28-21).
Кизиќ имаше 13 интервенции на голот на Еурофарм Пелистер, додека во нападот најефикасни во победничкиот тим беа Цветан Кузманоски со седум, пред Костески со пет погодоци. Во таборот на Пролет прв стрелец беше Палевски со шест гола, пред младиот пивот Спасовски со пет погодоци.
Во второто полуфинале вечерва со почеток во 20 часот ќе се сретнат скопските ривали Алкалоид и Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА