Еурофарм Пелистер не е во игра – ЕХФ објави кој може да го замени Вардар во ЛШ

ЕХФ денеска ја објави листата на клубови кои аплицирале за место во Лигата на Шампионите за сезоната 2022/23. Ракометната Федерација на Македонија го пријави Вардар за претставник на мак-ракометот, но по суспензијата што им беше изречена на „црвено-црните“ од ЕХФ, од денеска веќе е јасно дека Македонија ќе нема претставник во елитното европско натпреварување.

Еурофарм Пелистер како вицешампион не е во игра, откако битолскиот клуб не се најде на листата на екипи пријавени за настап во Лигата на Шампионите.

ЛШ и во наредната сезона ќе брои 16 тимови, од кои девет места се загарантирани, за шампионите на најдобрите држави според ЕХФ-рангирањето: ГОГ од Данска, Барселона од Шпанија, ПСЖ од Франција, Магдебург и Кил од Германија (единствена земја со две загарантирани места), Пик Сегед од Унгарија, Киелце од Полска, Порто од Португалија и Динамо Букурешт од Романија.

Од државите кои веќе имаат еден претставник во ЛШ, за втора вајлд-карта аплицираат Алборг (Данска), Гранолјерс (Шпанија), Веспрем (Унгарија), Нант (Франција), Висла (Полска), Спортинг (Португалија) и Баја Маре (Романија).

Воедно, шест тима кои имаат место во Лигата на Европа на ЕХФ аплицираа за промоција во највисокиот ранг на натпреврување: Загреб, Елверум, Целје, Иштад и Шафхаузен.

Се вчитува...