Еурофарм Пелистер не успеа да се пласира на фајналфор турнирот од СЕХА-лигата што ќе се одржи во Задар на почетокот од септември, откако „пелистерци“ го загубија и вториот дуел од двомечот со Брест Мешков. По поразот од „минус четири“ во Битола, избраниците на Жељко Бабиќ беа немоќни и на реваншот во Белорусија, губејќи го овој натпревар со резултат 35-31.
Дуелот почна со израмнета игра, но како пресуден се покажа големиот пад на „пелистерци“ во периодот од 10. до 19. минута. Во овие девет минути македонскиот претставник не постигна ниту еден единствен гол, а одличниот состав на Брест знаеше како да го искористи тоа, па од минимална негатива од 4-5 стигна до убедлива предност од 10-5. Кушан ја прекина „црната серија“ на Еурофарм, по што „пулените“ на Бабиќ доброб го завршија полувремето, на одмор заминувајќи со негатива од 18-14.
Еурофарм Пелистер беше подобар ривал на почетокот од второто полувреме, спуштајќи ја разликата на само два гола (23-21). Сепак, домашниот тренер зеде тајмаут, а потоа Брест Мешков заигра доминантно, преку одличниот Ваилупау, враќајќи ја удобната предност до конечните 35-31.
Ваилупау одигра уште еден извонреден натпревар постигнувајќи единаесет гола без ниту едно промашување, Врањеш постигна шест гола за Мешков брест, додека најефикасни кај Еурофарм Пелистер на денешниот реванш беа Мандалиниќ и Обрадовиќ со по пет погодоци.
Пред Мешков Брест, билетот за фајналфор турнирот во Задар го обезбеди и тимот на Веспрем. Последните два учесници на овој турнир ќе бидат познати по реваншите меѓу Мотор и Татран Прешов, односно Вардар и Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА