Еурофарм Пелистер одигра моќно, па „заспа“ – Танкоски донесе прва европска радост на битолчани

Еурофарм Пелистер ја забележа првата победа во новата европска сезона, откако во рамките од второто коло од Лигата на Европа на ЕХФ славеше на гостувањето во Португалија против Агуаш Санташ со убедливи 27-29. Битолчани одиграа импресивен меч во кој по бавниот почеток влегоа во ритам што Португалците не можеа да го следат, за заслужена радост. Доминантната игра во голем дел од мечот најавуваше лесен триумф, но големиот пад во последните десетина минути овозможи домаќините да се вратат. Марио Танкоски беше играчот кој ги постигна клучните голови во последните четири минути, не дозволувајќи изненадување и носејќи ја првата европска победа на „пелистерци“ сезонава.

Македонскиот вицепрвак нешто послабо го почна натпреварот, а португалскиот состав го искористи тоа и набрзина поведе со 3-0. Битолчани успеаја да се вратат и да израмнат на 3-3, а од ритам не ги исфрли ниту повредата на Хосни, кој незгодно доскокна по постигнувањето на вториот гол за Еурофарм. При 3-3 нашиот претставник не реализираше седмерец, но тоа не ги обесхрабри избраниците на тренерот Валтер, кои продолжија со одлична игра. Перфектен во овој период беше македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски, за кого Португалците немаа одговор, па битолчани поведоа со 6-10, нешто подоцна и со 8-12. Агуаш Санташ се приближи на два гола разлика, но Сери постигна прекрасен погодок пред крајот на полувремето и на одмор се замина со водство на македонскиот тим од 12-15.

Сери беше клучен играч и на стартот од второто полувреме, кога со неколкуте погодоци на овој ракометар Еурофарм Пелистер повторно се одлепи резултатски, поведувајќи со шест гола предност (14-20). Триумфот делуваше загарантирано, но штом домаќините дојдоа на четири гола разлика (21-25), тренерот Валтер побара тајмаут. Проблемите сепак продолжија, па Агуаш Санташ набрзина дојде на само еден гол негатива (24-25), , на седум минути до крајот. Хененберг ја запре серијата на Португалците од 6-0, а значаен погодок постигна и Танкоски, за водство од 26-28, притоа изнудувајќи и исклучување на нецели четири минути до крајот. Истиот ракометар потоа погоди и за 27-29, осигурувајќи ја победата што е апсолутно заслужена.

Данецот Хененберг со седум гола беше најефикасен во таборот на Еурофарм Пелистер, пет погодоци постигна Пешевски, а четири Сери. Танкоски постигна три гола од вкупно девет обиди, но последните два беа најзначајните за „пелистерци“ на овој натпревар.

Се вчитува...