Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва (18.45 часот) му гостуваат на Магдебург во реванш дуелот од осминафиналето во Лигата на Шампионите, меч што би требало да претставува само рутина за двата тима по убедливиот настап и триумфот на германскиот тим на првиот дуел во Битола со убедливи 24-32. Германците покажаа тотална надмоќ на овој меч, па јасно е дека битолчани немаат никакви шанси за чудо и камбек, а единствена желба на македонскиот вицепрвак останува достојно простување од европските купови.
„Пелистерци“ во меѓувреме влегоа во криза, губејќи го убедливо и мак-дербито со Вардар, а згора на тоа пред тргнувањето за Германија беше објавено дека позитивен на коронавирус е тренерот Бабиќ, кој нема да го води тимот вечерва. Згора на тоа, и покрај најавите за камбек во тимот повторно ќе го нема голманот Хендави, кој останува на листата на отсутни играчи заедно со Вегар, Кушан и Стјепановиќ.
„Очигледно е дека падот на формата дојде во најлошо можно време. Треба да се собереме и да одиграме најдобро што можеме против Магдебург во Германија. Мораме тој натпревар да го искористиме за да извлечеме поуки и да смениме што не функционираше во нашата игра и да се вратиме на прав пат, бидејќи ни следат уште многу важни натпревари во краток период“, изјави Јосип Периќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА