Ракометниот шампион на Македонија Еурофарм Пелистер го забележа и третиот пораз сезонава во Лигата на шампионите откако на домашен терен загуби од Кил со 20-23.
Иако битолчани го одиграа веројатно најдобриот натпревар сезонава, посебно во фазата на одбрана немаа сила да го изненадат големиот фаворит.
Танкоски го постигна првиот погодок на натпреварот за водство на Еурофарм Пелистер од 1-0, резултат при кој Костески не реализираше од одлична позицјиа. Кил набрзина се консолидираше, но првите десетина минути минаа во знакот на цврстите одбрани на двете страни (3-3).
Гостите од Германија се разиграа за момент и на половина од полувремето поведоа со 4-6, но македонскиот првак покажа карактер и не се предададе, не дозволувајќи му на противникот резултатски да се одлепи. Гедбан имаше неколку одлични интервенции во овој дел од мечот (пет во првите 20 минути). „Пелистерци“ промашија неколку напади за израмнување, Кил дојде до 7-9, резултат при кој Јовиќ побара тајмаут. Германците за првпат поведоа со три гола предност (7-10), но следеше нова одлична реакција на битолчани, кои набрзина дојдоа до 9-10, со голот од контранапад на Радивојевиќ во 28. минута. Еурофарм промаши напад за израмнување при 9-10, по што Кил го реализираше последниот напад и на одмор се замина со водство на гостите од 9-11.
На стартот на првото полувреме се играше го л за гол, а на почетокот на 41. минута резултатот на семафорот изнесуваше 14-16. Следуваа два гола во низа за домаќинот, кој во 41. минута по долго време повторно стигна до израмнување 16-16. Во следните неколку минути се играше гол за гол, па во последната третина од мечот натпреварот влезе со реми 19-19. По исклучувањето на Василјев гостите успеаја да сврзат два гола во низа и повторно да стигнат повторно до највисоките плус три (19-22). Пелистер намали на два разлика (20-22), имаше напад и за минус еден, но Атанасијевиќ не го искористи, по што Германците го приведоа мечот до самиот крај за конечни 20-23.
Богдан Радивојевиќ со пет гола беше најдобар поединец во таборот на битолчани, додека кај победникот со ист број голови заврши Елиас Елифсен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА