Ракометарите на Еурофарм Пелистер со пораз на гостувањето во Војводина од 29-24 ја отворија новата сезона во СЕХА лигата. Лошото отварање на второто полувреме проследено со загубени топки преку кои српскиот состав направи значајна предност беше клуч за трите бода да останат во Србија.
По изедначеното отварање на натпреварот прв иницијативата ја превзема српскиот состав кој со серијата од 4-0 успеа да поведе со 10-6. Војводина успеа да ја одржи предноста во поголемиот дел од првото полувреме, но во завршницата на сцена настапија Ојлески, Котески и Атанасијевиќ кои одговорија со своја серија од 4-0 за егал по 30. минути игра (14-14).
Војводина успеа да ги консолидира редовите на полувремето, а и да ги искористи грешките на Еурофарм Пелистер на отварањето на вторите 30. минути. Головите од транзиција донесоа ново водство за српскиот состав, овој пат од 22-16 во 40. минута од мечот. Битолчани до крајот на средбата се обидуваа да се вратат во игра, но домашниот тим одолеа на налетот, имаше одговор за секој напад на „зелено-белите“ и приреди мирен финиш за победнички старт на сезоната.
Со по четири гола Војводина ја предводеа Милиќ, Роган и Пухуски, додека Костески беше најрасположен кај Еурофарм Пелистер со седум гола. Него го следеа Ојлески, Хенеберг и Давајес со по три.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА