Еурофарм Пелистер претрпе пораз од 26-23 на гостувањето против Загреб, во рамките од СЕХА-лигата. Битолските „фармацевти“ имаат за што да жалат со оглед на фактот дека одиграа одлично прво полувреме, во вториот дел имаа и „плус пет“, но големиот пад во завршницата беше кобен за македонскиот претставник на овој натпревар.
Мечот почна со израмнета игра на двете страни, Загреб и Пелистер се менуваа во водство во почетните минути, за македонскиот вицепрвак прв да стигне до предност од два гола (4-6) по неколкуте добри интервенции на Чаневски. Загреб дојде до 8-9, но „пелистерци“ преку Маркоски и Периќ стигнаа до своето најубедливо водство на мечот (8-11),, на одмор заминувајќи со предност од 11-14, со голот што пред крајот на полувремето од пенал го постигна Периќ.
Еурофарм Пелистер поведе со 11-16, потоа и со 12-17 на самиот почеток од второто полувреме, но веднаш потоа следеше голем пад во играта, па Загреб со серија од пет гола за само неколку минути се врати во мечот. Следеа десетина минути на израмнета игра, за веднаш потоа битолчани повторно да паднат во криза, не постигнувајќи гол во наредните шест минути и овозможувајќи му на противникот да се одлепи на убедливи 24-20.
Долгиот пост без постигнат погодок го прекина Стјепановиќ, но веќе беше предоцна, искусниот состав на Загреб го приведе мечот до крај, тримфирајќи со конечни 26-23.
Периќ беше најдобар поединец на Еурофарм Пелистер на овој натпревар со седум погодоци и осум асистенции, Граџан постигна четири, а Мараш и Марковски по три погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА