Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер вечерва ќе го пречека грчки АЕК на домашен терен во последниот натпревар од групната фаза во второто по ранг европско натпреварување Лигата на Европа.
Тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ на овој натпревар поради повреда нема да може да смета на Јосип Периќ и Дарко Велковски (за кого сезоната е завршена), но и покрај тоа позитивно е расположението кај „пелистерци“. На тимот од Битола му е потребно победа или реми за освојување на второто место во групата Д.
Голманот на Еурофарм Пелистер, Марко Кизиќ вели дека ова е многу важен натпревар за нив и одлично се имаат подготвено за денешниот противник.
„Ова е многу важен натпревар за нас, бидејќи сè ќе се решава во последната рунда од групната фаза. Го анализиравме ривалот, веќе ни е попознат бидејќи одигравме еден натпревар против нив. Се подготвувавме добро досега, имаме уште два тренинзи до дуелот и мораме да одиме на победа.
АЕК е тактичко добро подготвена екипа, многу се борбени и не се предаваат во ниту еден момент. Имаат голема сплотеност и покажуваат голема борба со многуте искусни играчи. Играат со стил кој ние го анализиравме, не може премногу да се менува од првиот натпревар, како тие, така и ние. Ќе одиме да се надигруваме, па подобриот нека победи.
Напорен период е со многу натпревари. Се обидуваме колку што можеме да се одржиме во најдобра физичка форма. Навистина е тешко и напорно, ама го даваме својот максимум за да бидеме подготвени за секој натпревар“, изјави Кизиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и АЕК кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА