Еурофарм Пелистер вечерва ќе го има своето европско деби сезонава, каде на домашен терен ќе го пречека данскиот Архус во првото коло во второто по ранг натпреварување на ЕХФ, Лигата на Европа.
Тренерот Валтер за ривал во првото коло доби екипа од својата татковина што многу го респектира, но данскиот стратег на клупата на „пелистерци“ е дециден дека неговиот тим ќе мора да игра многу подобро ако сака да стигне до победата. Тој вели дека слабата игра на последниот суперлигашки меч со Пролет е нешто што мора да се корегира за да се забележи триумф над Архус.
„Ако го гледавте натпреварот против Пролет, не сме баш спремни за Европа, затоа што игравме екстремно лошо. По десет дена без шест репрезентативци малку нарушен ни е ритамот, па затоа работиме денес и утре да се поправиме. Веќе денес тоа изгледа подобро и наша цел во вторник е победа. Видов многу натпревари на Архус оваа сезона. Не знам дали имаат проблеми, затоа што загубија многу натпревари со еден-два разлика. Во Данска секој од шеснаесетте екипи во Првата лига може секого да победи. Можеби имаат премалку бодови, но тие се добра екипа. Играа многу брзо и мора да бидеме подготвени. Кога нашите навивачи се тука и ќе ја исполнат оваа сала тие се секогаш во форма и можеме да научиме нешто од нив. Извонредно е тука и едвај чекам да ја почувствувам таа атмосфера“, изјави Валтер.
Капитенот на „пелистерци“, Мирко Радовиќ, е свесен дека брзината е главна одлика на утрешниот ривал, но верува дека со помош на публиката битолскиот клуб ќе може да стигне до посакуваниот резултат.
„Добро се подготвуваме, направивме видео-анализа. Знаеме каква екипа ни доаѓа. Играат добро тимски, брзо се движи топката, тоа е таа данска школа на ракомет. Многу брзо играат, трчаат брз центар… Немаме многу време за подготовка, но ние знаеме каква екипа сме и што можеме. Во оваа атмосфера мислам дека имаме шанси и тоа ќе го покажеме во вторник. Ќе видиме колку ни одговараат со стилот. Во овој прв дел од сезоната немавме можност да се сретнеме со екипа која игра таков атомски ракомет. Но, мислам дека треба да се грижиме повеќе за нас и нашата игра. На нашата игра е акцентот. Во оваа атмосфера имаме што да покажеме и гледачите ќе уживаат како и на секој европски натпревар во Битола. Да покажеме каква екипа сме кога играме на домашен терен“, прокоментира црногорскиот интернационалец во таборот на Еурофарм Пелистер.
Слично размислува и Павле Атанасијевиќ…
„Се подготвуваме многу добро, јако тренираме. Ја гледавме данската екипа како игра, се поставуваме да играме подобро и мислам дека на крајот од денот ќе издвојуваме победа. Многу добро ни дојдоа овие седум натпревари од домашното првенство, се разигруваме и тоа е многу добро за нас пред европските натпревари“, смета Павле Атанасијевиќ.
Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА