Еурофарм Пелистер се загреваше за Ним, Скопје даде само 12 гола во Битола

Еурофарм Пелистер забележа уште една лесна и убедлива победа во Супер-лигата откако попладнево на домашен терен го декласираше составот на Скопје со 38-12. Тренерот Бабиќ го искористи овој дуел како загревање за претстојната премиера од Лиата на Европа против француски Ним, но битолските „фармацевти“ одиграа максимално ангажирано и фокусирано во текот на сите 60 минути, дозволувајќи му на противникот да постигне само 12 погодоци.

Од самиот почеток беше јасно дека на новиот суперлигаш му се пишува катастрофа на овој меч, битолчани беа супериорни од стартот на натпреварот, па веќе во 23. минута Еурофарм стигна и до првото двоцифрено водство, кога Мандалиниќ погоди за 13-3. До крајот на полувремето предноста на „зелено-белите“ се зголеми на 17-5, за битолчани да продолжат со ист ритам и во второто полувреме, за конечни „плус 26“ на овој натпревар.

Сите ракометари на Еурофарм Пелистер со исклучок на голманите постигнаа голови на овој меч, а најефикасни беа Божиќ Павлетич со седум и Обрадовиќ и Мандалиниќ со по четири погодоци. Од вкупно 12-те гола на Скопје на овој меч, три беа дело на Филип Василевски, најефикасниот во гостинскиот состав.

Се вчитува...