Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ја збогати својата мала данска колонија во тимот за уште еден Данец, потпишувајќи едногодишен договор со Андреас Јохан Нилсен, со опција за продолжување за уште една ако двете страни дадат согласност.
25-годишниот дански кружен напаѓач доаѓа во Македонија од данскиот прволигаш Морс, висок е 198 сантиметри, тежок 107 килограми и со своите настапи во земјата на светскиот првак во последните неколку години значително се наметна.
Пред да дојде во Морс, Нилсен го носеше дресот на Нордсјеланд, а има свои настапи и во младинските категории на данскиот национален тим.
„Особено задоволство ни е што покрај Кисум, нашиот дрес ќе го носи уште еден дански ракометар во сезоната 2023/24, незаборавајќи ги убавите денови кои во нашата земја ги минаа Себастијан Хенеберг и Ларс Валтер. Официјалното претставување на Нилсен е предвидено по почетокот на подготовките во Битола“ – информираа од Еурофарм Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА