Еурофарм Пелистер во Португалија брка прва победа во Лигата на Европа

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер вечерва ќе му гостува на португалскиот Агуаш Санташ во натпревар од 2. коло во новата сезона во Лигата на Европа. „Пелистерци“ на овој меч ќе ја бркаат првата победа во второто по ранг европско натпреварувања, откако на премиерата минатата недела на домашен терен беа поразение од Архус.

Пикерот на битолчани, Жарко Пешевски вели дека иако немале многу време за подготовка знаат со каков противник ќе играат…

„По поразот од Архус во првото коло немавме многу време за подготовка, но знаеме каков противник ни следува. Преку видео анализи ја воочивме играта на противникот и колку што можевме се спремивме за овој дуел. Агуаш Санташ е опасен и агресивен тим. Игра агресивна одбрана, па затоа мораме да бидеме трпеливи во нападот. Во овој натпревар влегуваме со ладна глава, и тие го загубија првиот натпревар и мотивацијата ќе биде иста на двете страни. Но, верувам дека ние ќе бидеме тие кои што ќе ги слават првите бодови“, изјави Пешевски. 

Слично размислува и бекот Марио Танкоски…

„Агуаш Санташ игра агресивна одбрана, брзи се во транзиција и играат типичен шпански ракомет. Мораме да ги намалиме техничките грешки, да не дозволиме лесни голови на противникот. Во тој случај мислам дека ќе имаат проблеми со нашата одбрана. Оваа победа ни е многу важна во остварување на целта, а тоа е пласман во нокаут фазата“, вели Танкоски.

Натпреварот меѓу Агуаш Санташ и Еурофарм Пелистер е закажан за вечерва со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...