Европскиот дебитант, Еурофарм Работник, со две победи против литванскиот Гранитас Каунас, обезбеди пласман во осминафиналето од Челинџ купот. На гостувањето во Каунас, битолчани славеа со 23-29, откако претходно беа поуспешни од литванскиот тим и на првиот меч на домашен терен (28-26).
Еурофарм Работник, предводен од репрезентативецот Гоце Ојлески, влезе сигурно во реваншот, наметна ритам и се одржуваше во водство. На полувремето, избраниците на Илија Темелковски имаа минимална предност од 10-11.
Во исто темпо, битолскиот тим продолжи и во второто полувреме и по првите пет минути ја зголеми предноста на +3 (12-15) што на крај се покажа дека е недостижна разлика за домашниот тим.Тоа внесе дополнителна сигурност кај ракометарите на Работник за сигурен финиш со предност од 19-24 на десет минути пред крај, а во 58.минута ја зголемија позитивата на +6 (22-28) и ја запечатија втората победа против литавнскиот противник со конечните 23-29.
Гоце Ојлески беше прв стрелец во составот на Работник со седум гола, пет постигна Елмир Граѓан, четири погодоци запиша Дејан Пецаковски. Кај Гранитас Каунас нападот го предводеше Ваидас Древинскас со седум гола.
Со ждрепката што ќе се одржи на 28 ноември во Виена, ќе бидат одредени осминафиналните двојки во Челинџ купот и ќе биде познат следниот противник на Еурофарм Работник. Еден од потенцијалните противници е претставникот на Луксембург, Ред Бојс Диферданж кој од клупата го предводи Данило Брестовац, а во составот е Дарко Георгиевски. Диферданж во 3.коло со две победи го елиминира тимот на Добруџа (43-23, 36-26).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА