Еден катастрофален настап и убедлив пораз во ЕХФ Купот беше доволен за прекин на соработката меѓу Ѓорѓе Чирковиќ и Еурофарм Работник, откако битолскиот клуб објави дека на барање на српскиот стратег е раскинат договорот што тој го имаше со македонскиот суперлигаш. Чирковиќ делуваше шокирано по слабиот настап на Работник против Татабања и претрпениот двоцифрен пораз, а во меѓувреме неговото разочарување не се намали, па остана доследен на најавите дека не сака да остане тренер на клуб чии играчи не се залагаат на теренот.
„РК Еурофарм Работник ја информира јавноста дека спогодбено на негово барање го раскина договорот со тренерот Ѓорѓе Чирковиќ. Српскиот тренер ја презеде екипата ова лето и за првпат во историјата ја одведе до есенската титула во Суперлигата и до групната фаза на ЕХФ Купот. Клубот му се заблагодарува на Чирковиќ за професионалноста, односот и стручната работа и му посакува успеси во приватниот и професионалниот живот. РК Еурофарм Работник наскоро ќе ја информира јавноста за следните чекори и именувањето на новиот тренер“ – се вели во соопштението на битолскиот суперлигаш.
За очекување е „фармацевтите“ час поскоро да го објават името на наследникот на Чирковиќ, со оглед на фактот дека македонскиот претставник следниот викенд го очекува нов предизвик, дуел со Нексе во обид да се стигне до првите бодови во ЕХФ-Купот (23 февруари, 19.30 часот).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА