КАКО БЕШЕ ПРЕД ТРИ ГОДИНИ: Кјелини го задржа Сака, а Италијанците сред Лондон ја расплакаа цела Англија (ВИДЕО)

Со натпреварот меѓу Германија и Шкотска вечерва кој ќе се игра на „Алианц арената“ во Минхен ќе стартува 17. Европско првенство. Еден месец неверојатни натпревари со многу возбудуњава, но во предвечерието на почетокот на овој континентален собир, да се потсетиме што се случуваше пред три години.

Историско Европско првенство кое беше посебно поради многу фактори, заврши на најневеројатен начин. Прво поради пандемијата од коронавирусот тоа беше одложено за една година, а само по себе беше историско бидејќи за првпат немаше домаќин на шампионатот, туку се играше низ цела Европа.

Финалето се одигра на „Вембли“ каде домашната Англија играше против Италија во едно од можеби најспектакуларните финалиња во историјата на континенталните смотри. Aнгличаните по само две минути стигнаа до водство од 0-1 со голот на Лук Шо. Италијанците некако успеаја да се вратат во игра со погодокот на Леонардо Бонучи во 67. минута (1-1).

Во финишот на регуларниот дел, односно во последните моменти се случи можеби и еден од најлегендарните потези во историјата на финалните мечеви. Букајо Сака одлично го измами Џорџо Кјелини и тргна во контра напад, но искусниот италијански дефанзивец буквално со двете раце го повлече и го спречи да влезе во чиста шанса. За ова Кјелини доби само жолт картон, а на крајот овој потег се покажа како клучен.

Во продолженијата мируваа мрежите, а натпреварот замина во изведување на пенали. Таму непрецизни за Англија беа: Рашфорд, Санчо и Сака и со тоа Италија ги неутрализираше промашувањата на Жоргињо и Белоти и стигна до победа од 3-2.

За Италија ова беше втор трофеј на шампионатите, прв по оној во 1968 година, а Англија се уште не може да дојде до титула на Европските првенства.

Се вчитува...