Англискиот дефанзивец Џеред Брантвејт останува главна желба на Манчестер Јунајтед кога станува збор за одбранбената линија, но „црвените ѓаволи“ се соочуваат со сериозни проблеми во преговорите со Евертон.
Првиот обид на Јунајтед во висина од 35 милиони фунти беше осуден на пропаст, но „црвените ѓаволи“ се надеваа дека во продолжението на преговорите ќе најдат заеднички јазик со клубот од „Гудисон Парк“. Во тимот од Манчестер владееше оптимизам дека третата понуда во вкупна висина од 50 милиони фунти (45 милиони загарантирани, пет милиони поврзани со неколку клаузули) ќе биде прифатена.
Сепак, нецели 24 часа по нејзиното испраќање стигна и одговорот од клубот од Ливерпул, и тоа повторно негативен. Евертон од самиот старт на преговорите ја одреди цената на Брантвејт на 70 милиони фунти и „карамелите“ се чини немаат намера да попуштат. На потег е раководството на Јунајтед, кое ќе треба да одлучи дали да плати богатство за овој талентиран играч, но без преголемо искуство, грешка што веќе ја направија со Хари Мегваер кога го доведоа од Лестер.
Во меѓувреме, „црвените ѓаволи“ разговараат и за ангажман на Матијс де Лихт, кој се наоѓа на излезна врата од Баерн Минхен. Холанѓанецот би сакал да соработува повторно со Тен Хаг откако со успех настапуваше за овој стратег во Ајакс, Баерн инсистира на отштета од 50 милиони фунти, но и платата што Де Лихт би ја земал би била двојно повисока од онаа што му се нуди на Брантвејт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА