Евертон во шок: Лукаку си оди од „Гудисон парк“

Раководството на Евертон и навивачите на овој клуб се во шок откако најдобриот стрелец на „карамелите“, Ромелу Лукаку, најавил дека ќе си замине од „Гудисон парк“ по завршувањето на сезонава. Белгискиот ас во последните месеци најавуваше дека ќе му остане верен на сегашниот клуб, неговиот агент Мино Рајола истакна дека „договорот е 99,9% сигурен“, за во текот на вчерашниот ден Лукаку да ги извести своите работодавци дека не планира да остане по завршувањето на сезонава.

Понудата од 135.000 фунти неделна плата била одбиена со образложение дека тој не бара поголема заработувачка, туку да настапува за клуб кој ќе биде дел од Лигата на шампионите. Со ова Лукаку дефинитивно става до знаење дека не се гледа себеси во Евертон наредната сезона, па „карамелите“ ќе мора да почнат потрага по нов голгетер.

За очекување е Евертон да заработи над 50 милиони фунти од продажбата на својот најдобар фудбалер, за чии услуги најзагреани се Челси и Арсенал, но и Манчестер јунајтед како резервна опција доколку Златан Ибрахимовиќ си замине од „Олд трафорд“.

Се вчитува...