Евгениј Новак за ЕКИПА од Киев: „Тешко е, се молиме за мир, благодарам на поддршката од сите пријатели од Македонија“

Голем број украински спортисти оставиле силна трага во македонскиот спорт изминативе години по независноста. Еден од нив, без сомнение, е и Евгениј Новак кој е дел од генерацијата на Вардар која за првпат во историјата на македонскиот фудбал се избори за настап во групната фаза од Лигата на Европа.

33-годишниот Новак цели пет години беше незаменлив дел од најтрофејниот македонски клуб, носејќи ја и капитенската лента на клубот. Од 2020 година повторно се врати во Украина каде во моментов настапува за Колос, клуб од предградите на Киев.

И почетокот на најновите воени случувања околу руско-украинската криза го затекна Евгениј во предградието на Киев каде во моментов е заедно со своето семејство. По втората непреспиена ноќ во главниот град на Украина, Евгениј Новак во разговор за ЕКИПА вели дека сите заедно се молат за мир затоа што војната и сите актуелни случувања не може да бидат од корист на никого.

„Навистина тешка ситуација. Во моментов сум во мојот стан во Киев, но имаме подготвено скривница за моментите на напади. На само неколку километри ги слушаме воените дејствија, и навистина тешко е да се објасни со зборови и како се чувствуваме и каква е целокупната ситуација. Сите искрено се молиме само за мир, затоа што во вакви моменти човек гледа дека во животот најважен е мирот и спокојот“ – вели Новак за ЕКИПА.

За украинскиот фудбалер, за кого, како што вели Македонија е втора татковина, многу значи поддршката од неговите бројни пријатели од Македонија.

„Благодарам на сите вас кои мислите на нас во овие моменти. Благодарам на Македонија и сите мои пријатели кои и тоа како ме врзуваат за прекрасната земја од југот. Искрено веруваме дека многу брзо повторно ќе завладее мирот затоа што ова не му е потребно на никого“.

Се вчитува...