Еволуција на „бубамарата“ на Светските првенства

Фудбалската топка е симбол на натпреварување, предмет на обожување, кој е во фокусот на вниманието на милиони запаленковци на најважната споредна работа на светот. Нејзиниот развој низ годините претрпе многубројни промени, како во изгледот и дизајнот, така и во останатите карактеристики, се со цел да се подобрат перформансите и динамиката на фудбалската игра.  Таа е округол предмет изработен од кожа (или од друг материјал што го одобрува единствено ФИФА), која на терените се удира со кој било дел од телото освен со рацете. Обемот на фудбалската топка е меѓу 68 и 70 сантиметри, а нејзината маса изнесува од 410 до 450 грама.

Топката со која се игра на некое официјално фудбалско натпреварување мора да има барем едно од трите ознаки, кои гарантираат дека се потврдени правилата на ФИФА за нејзино тестирање. Таа мора на себе да го има логото (заштитен знак) на натпреварувањето, логото на организаторот на натпреварувањето или пак логото на производителот.

Фудбалската топка  е центар на светот во периодот на одржување на Светските фудбалски првенства. Во тие мундијалски денови, најважно е дали таа ќе ја затресе противничката мрежа. Фановите се во транс, очекуваат каде и како ќе отскокне, а фудбалерите се обидуваат да ја контролираат на најдобар можен начин, да ја испратат на вистинското место и да ја израдуваат нацијата.

Како што напредуваше фудбалската игра, така во изминатите 50 години се менуваше и фудбалската топка со која се играа натпреварите. Нејзината еволуција најмногу може да се забележи на Светските првенства.

СП 1966: Англија

Име: Спешл едишн (special edition)

Производител: Слезинџер (Slazenger)

„ Слезинџер“ е еден од најстарите брендови за спортска опрема, основан во 1881 година, кој успеал да „преживее“ до денешен ден. Нивната топка имаше 18 меѓусебно сошиени кожени панели и многу се разликуваше од производот кој денеска го нарекуваме фудбалска топка. Сепак, тоа е топката со која играа многу поранешни асови на фудбалската игра.

СП 1970: Мексико

Име: Телстар (Telstar)

 Тоа е првата топка со црно – бели шари што е користена на едно Светско фудбалско првенство. Иако денешните топки видно се разликуваат од оваа, сепак, „бубамарата“ стана синоним за фудбалска топка со која во минатото се играа натпреварите. Од ова Светско првенство во Мексико, па се до денеска, сите топки со кои се играа натпреварите на фудбалските мундијали ги произведува „Адидас“.

 

СП 1974: Германија

Име: Телстар дурласт (Telstar Durlast)

Оваа фудбалска топка ги задржа сите карактеристики на нејзиниот претходник, но имаше подобрени перформанси. Со неа Герд Милер го постигна својот последен гол во последниот натпревар за репрезентацијата на Германија, во финалето на СП 1974, за триумф над Холандија од 2-1.

СП 1978: Аргентина

Име: Танго (Tango)

Појавувањето на оваа фудбалска топка беше вистински револуционерен потег во светот на фудбалот.  Новиот дизајн што ја красеше топката наречена „Танго“ остана непроменет во наредните 20 години. Беше неверојатно квалитетна и дотогаш најскапа фудбалска топка во историјата со цена од 50 фунти.

СП 1982 Шпанија

Име: Танго Еспања (Tango Espana)

По четири години, „Тангото“ доби свој наследник, речиси идентична топка на лик, но со многу подобри карактеристики. Благодарејќи на гумираните шавови беше значително намалено впивањето на вода, со што е постигнат голем напредок во изработката на фудбалските топки. Тоа е последната топка која е изработена од чиста кожа.

СП 1986 Мексико

Име: Астека Мексико (Azteca Mexico)

На свет се појави првата потполна синтетичка, рачно шиена топка, дизајнирана според астечката архитектура. Имаше одличен квалитет и се покажа како револуционерен производ затоа што од неа многу беа задоволни самите актери на фудбалскиот терен. Беше подобрена динамиката на фудбалската игра и пред се прецизноста на ударите од далечина.

СП 1990 Италија

Име: Етруско Унико (Etrusco Unico)

Името и необичниот изглед на оваа топка е инспириран од некогашната уметност на Етрурците. Трите лавовски глави ги красеа 20-те полиња на нејзиниот дизајн. Понуди уште поголема прецизност при ударите и отпорност на надворешни влијанија.

СП 1994 САД

Име Квестра (Questra)

Топката го доби името по изреката „The quest for the stars“ – потрага по ѕвездите. Новите материјали од кои што е изработена, полистиренската пена и овозможија дополнително непропуштање на вода како и големо заврзување по ударот, што секако им годеше на фудбалерите, но не и на голманите.

СП 1998 Франција

Име: Триколоре (Tricolore)

Ова е првата топка која во која беа вметнати и останати бои, освен дотогаш основниот црно-бел дизајн. Го доби дезенот на француското знаме по земјата домаќин на мундијалот во 1998 година. Тоа е и првата топка што е произведена надвор од Европа (во Мароко), покрај топката Астека Мексико.

СП 2002 Јапонија и Јужна Кореја

Име: Фивернова (Fevernova)

Со дизајнот се издвојува од претходниците на „Тангото“. Револуционерниот нов изглед и дизајн се превземени од азиските корени. Карактеристиките на оваа топка требаше да доведат до уште поголема прецизност, но фудбалерите и голманите сепак ја обвинуваа при многубројните киксови и грешки во текот на натпреварите.

СП 2006: Германија

Име: Плус Тимгајст – Спортски дух  (Plus Teamgeist)

Плус Тимгајст е топка со 14 закривени панели (претходните беа со 18 панели, а потоа со 32 полиња) со што е постигнат облик најблизок до сферата. Специјалниот начин на поврзување на панелите придонесе топката да биде апсолутно непропустива за вода, па така нејзината маса воопшто не се зголемува на врнежливо време. Секој натпревар на СП 2006 се играше со топки на кои имаше различни ознаки, датумот на натпреварот и имињата на репрезентациите кои играа на тој меч. Финалниот натпревар се играше со топката Плус Тимгајст Берлин со златна боја. Зборот „Плус“ е додаден на Тимгајст Берлин затоа што без него не можеше да биде заштитено името на оваа топка.

СП 2010: Јужна Африка

Име: Џабулани (Jabulani)

Топката е направена од осум сферно обликувани панели и има текстутирана површина наменета за подобрување на аеродинамиката. Но, топката сепак доби големи критики од фудбалерите и од селекторите, пред и за време на Светското првенство, со оглед дека имаше многу непредвидлив лет во воздухот. Потоа е развиена во Адидас Танго 12.

СП 2014: Бразил

Име: Бразука (Brazuca)

Топката е развоен наследник на Адидас Танго 12, со ист труп, но различна структурална површина. Тежи 437 грама и има обем од 69 сантиметри. Направена од шест полиуретански панели кои се термички поврзани. Бразука го доби името по сиромашните предели на Бразил, а ги надмина проблемите со лет во воздухот, што ги донесе претходно Џабулани.

СП 2018: Русија

Име: Телстар 18 (Telstar 18)

Оригиналниот Телстар е топка користена на Светското првенство во 1970 година и беше прва во црно-бела шема. За разлика од тој оригиналниот, со 32 панели, Телстар 18, една неверојатно усовршена топка, има шест текстурни пенали. Не се споени, туку невоочливо залепени.

Топката со која ќе се игра Мундијалот во Русија има вграден чип за комуникација . Потрошувачите кои ќе ја купат, со посредство на смарт телефоните можат да дојдат до прустап на содржини и информации за самата топка, персонализирани и локализирани, овозможувајќи интерактивна тема за претстојното Светско првенство.

Се вчитува...