ЕВРО 2024 донесе политички скандал во Албанија, опозиционерите се бесни

Албанија се подготвува за својот втор настап на европските шампионати, а оваа селекција се најде во најтешката група, заедно со Италија, Шпанија и со Хрватска.

Албанците го отвораат настапот в сабота навечер на „Вестфален“ во Дортмунд, во државата владее тотална фудбалска еуфорија која сосема неочекувано се претвори и во политичка криза.

Имено, албанската опозиција жестоко протестира на односот на парламентарците од власта, кои решиле да земат продолжен одмор за да можат да навиваат за својата репреззентација во Германија.

Голем дел од пратениците веќе отпатувале за Дортмунд, поради што утрешната собраниска седница нема да може да се одржи. Воедно, тие ставиле до знаење дека планираат да останат во Германија до крајот на групната фаза и да ги следат и дуелите со Хрватска на 19 јуни во Хамбург и со Шпанија на 24 јуни во Дизелдорф, што значи дека нема да има кворум за функционирање на парламентот.

„Ова е класично кршење на правилата, го третирате Собранието како сопствена фирма. Морате да објасните зошто седницата закажан за утре нема да може да се одржи. Ако патувањето на ЕВРО 2024 навистина е причината, тоа е срамота и ние како партија се оградуваме од ваквиот однос“, објави Газмент Барди, првиот човек на Демократската партија во Албанија.

Се вчитува...