Македонската репрезентација нема да може да се најде против некоја од најдобрите четири европски селекции во квалификациите за Евробаскет 2021, објави ФИБА, дополнувајќи ги правилата за ждребот што ќе биде извршен в понеделник.
„Црвено-жолтите“ се најдоа во шестиот шешир според рангирањето на ФИБА, а според најновите информации, тие ќе се најдат во група со селекциите од вториот, третиот и од седмиот шешир при истото рангирање. Ова практично значи избегнување на дуели со селекциите на Шпанија, Франција, Србија и Литванија.
Потенцијални ривали на Македонија од вториот шешир се Словенија, Хрватска, Русија и Грција, кои во претходните квалификации за СП 2019 имаа сериозни проблеми со екипирањето поради недозволувањето евролигашките кошаркари да бидат дел од квалификациските собири. Во третиот шешир се наоѓаат Италија, Летонија, Турција и Украина, додека во седмиот шешир потенцијални ривали на Македонија се Естонија, Бугарија, Шведска и Австрија.
За потсетување, пласман на Евробаскет 2021 обезбедуваат три од четирите селекции од секоја група, па со малку среќа во ждребот нашите кошаркари би имале сосема реални шанси да се вратат на големата сцена на европската кошарка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА