Се е подготвено за стартот на новата евролигашка сезона закажан за четврток, а тренерите вообичаено во „пет до дванаесет“ се соочуваат со проблеми поради повредите на дел од клучните играчи.
Најголема главоболка се чини ќе има Одед Каташ, откако Макаби остана без помошта на најдобриот кошаркар од ланската сезона, Вејд Болдвин. Американскиот бек дефинитивно ќе го пропушти мечот од првото коло, на домашен терен против Партизан, а речиси сигурно ќе биде „во аут“ и за втората рунда од Евролигата закажана за следната седмица.
Со проблеми се соочува и Еторе Месина, откако тренерот на Милано остана без помошта на Маодо Ло. Германскиот репрезентативец беше едно од најзвучните засилувања во текот на летово, но заработи незгодна повреда на мускулот и ќе мора да отсуствува најмалку три седмици од кошаркарските терени.
Јаник Ветсел од Алба Берлин се повреди на отворањето на бундеслигашката сезона, по што му е препорачана пауза од најмалку шест седмици, огромен проблем за берлинскиот клуб.
Во таборот на Олимпијакос, центарот Мустафа Фол се жали на болка во коленото и заминал на специјалистички преглед во Германија, по што се очекува да биде познато колку ќе изнесува неговата пауза од терените.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА