Евролигашките екипи со засилено темпо ги договараат трансферите за наредната сезона, во која неколку екипи ќе влезат со уште поголеми амбиции.
На врвот дефинитивно е Барселона, која денеска го официјализираше трансферот на Ник Калатес. Грчкиот плејмејкер по осум години го напушти Панатинаикос и потпиша тригодишен договор со каталонскиот гигант, со што стана прво засилување во ерата на Јасикевичиус како тренер на Барса. Воедно, каталонците ги интензивираат и преговорите за да го вратат Пау Гасол назад во Барселона.
Уште еден тим што продолжи со квалитетни засилувања е Олимпија Милано, откако италијанскиот клуб денеска потпиша договор со Шејвон Шилдс. Американецот е вториот кошаркар што денеска ја напушти Басконија, откако утрово Шенгелија го официјализираше трансферот во ЦСКА Москва.
Фенербахче донесе квалитетно засилување од Литванија, Едграс Улановас е нов член на турскиот гигант. Литванецот го напушти Жалгирис и потпиша тригодишен договор со Фенер, каде ќе биде наследник на Џиџи Датоме (се пресели во Милано).
Валенсија ангажираше ново име на плејмејкерската позиција, добивајќи ја трката по Мартин Хермансон од Алба. Исландскиот репрезентативец беше желба и на Фенер и на Панатинаикос, но Валенсија му понуди петгодишен договор, со што го убеди Хермансон на преселба во Шпанија. Тој е трето засилување на овој шпански евролигаш, по Клемен Препелич од Хувентуд и Дерик Вилијамс од Фенербахче.
„Ремонт“ во своите редови направи и управата на Олимпијакос, која денеска потпиша договор со Арон Херисон од Галатасарај. Американскиот плејмејкер е петто засилување на „црвено-белите“ од Атина, кои претходно ги ангажираа Хасан Мартин, Чарлс Џенкинс, Јанулис Ларенцакис и Жан Ливио.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА