Реал Мадрид се мачи на резултатски план во Евролигата на стартот од оваа сезона, што беше причина „кралевите“ да се активираат на пазарот. Последните информации говорат дека Тео Маледон, големата ѕвезда на Асвел и на француската кошарка, веќе постигнал договор за да го облече дресот на „кралскиот клуб“. Договорот се однесува од почетокот на наредната сезона, но Реал ќе почне разговори со Асвел за веќе во текот на овој месец да го доведе експлозивниот бек во своите редови.
Маледон важи за еден од најдобрите евролигашки кошаркари оваа сезона, впрочем 21-годишниот ас беше избран за МВП на месец декември и неслучајно се најде на листата со желби на најголемите европски клубови. Информациите од Шпанија говорат дека Реал Мадрид сепак излегол како победник од оваа трка, осигурувајќи го потписот на 21-годишниот ас. Маледон ќе потпише долгогодишен договор со Реал, со висока клаузула што ќе му овозможи заминување во НБА-лигата.
Маледон блесна на турнирот на „Новата генерација“ во јануари 2018, кога на 17-годишна возраст беше импресивен со просек од 26 поени по натпревар и го привлече вниманието на скаутите од НБА-лигата. Тој беше избран за 34. пик на драфтот во 2020 година, но на 19-годишна возраст се мачеше да се наметне во најсилната лига во светот. Не се изнаигра ниту во Оклахома Сити ниту во Феникс, од каде беше отпуштен во март 2024.
Следеше потпис за Асвел што се покажа како вистински потег, Маледон блеска во дресот на францускиот клуб, делува доминантно дури и во Евролигата, па нема сомнеж дека Реал ќе добие вистинско засилување за бековската линија и идеален партнер за Факундо Кампацо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА