Евролигата со официјален допис денеска ја призна големата судиска грешка на мечот Црвена Звезда – Барселона, на кој арбитрите не забележаа дека Никола Миротиќ пред постигнувањето на тројката за израмнување во последната секунда од регуларниот дел газел на линијата.
Судиите требаше да досудат аут, што ќе значеше и триумф на „црвено-белите“, но откако останаа неми на случката директно помогнаа Барселона да се врати и во продолжение да стигне до победата.
„За време на мечот од 16. коло меѓу Црвена Звезда и Барселона, со 8,2 секунди до крајот Барселона тргна во напад преку Кори Хигинс, кој му ја додаде топката на Никола Миротиќ. Додека ја примаше топката, Миротиќ ја згазна аут-линијата и во тој момент Црвена Звезда требаше да добие напад на 3,3 секунди до крајот“, се вели во јавното соопштение на Евролигата.
АБА-шампионот веднаш реагираше испраќајќи официјална жалба во Евролигата барајќи службена победа или преигрување, но тешко е да се поверува дека може да дојде до ваков расплет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА