Евролигата смени правило среде сезона

Евролигата повторно ја разбранува кошаркарската јавност со одлука каква што ретко се гледа во елитните натпреварувања. Промена на правилата на средина од сезоната предизвика лавина од коментари.

Во понеделник официјално започна продажбата на билети за завршниот турнир во Атина, а во таа прилика беше објавена и клучна вест: нема да има натпревар за трето место на престојниот Фајнал Фор.

Одлуката во голема мера беше дочекана со одобрување, со оглед на тоа што натпреварот за бронзен медал со години се сметаше за формалност без вистинско натпреварувачко значење и средба која едвај привлекува публика. Сепак, она што предизвика најголемо изненадување беше моментот кога беше објавена оваа промена – само неколку месеци пред завршниот турнир.

Многумина веруваат дека таквата одлука морала да биде дел од планирањето пред почетокот на сезоната, а не потег направен „во лет“, што е преседан во организацијата на Евролигата.

Наместо да се борат за третото место, гледачите сега ќе имаат можност да го гледаат финалето на јуниорскиот турнир „Идна генерација“, што се смета за добар чекор кон промоција на млади таленти и идни ѕвезди на европската кошарка.

Се вчитува...