Европа ќе има нов кошаркарски владетел, Фенер го симна Панатинаикос од тронот

Фенербахче е првиот финалист на фајналфор турнирот од Евролигата откако турскиот гигант успеа да го натера на капитулација актуелниот европски првак Панатинаикос, славејќи со 82-76. Избраниците на Јасикевичиус одиграа одличен меч во кој целосно го контролираа резултатот, неколку пати имаа и двоцифрена предност, успевајќи да стигне до заслужена победа, прва за Шарунас Јасикевичиус на фајналфор турнирите над Ергин Атаман.

Фантастичниот шут од далечина беше заштитен знак на Фенер во голем дел од првото полувреме, откако турскиот состав погоди седум од првите 11 обиди за три поени, успевајќи да се одлепи резултатски. ПАО се мачеше да влезе во ритам во нападот, па дури и кога Фенер почна да промашува, грчкиот тим не успеваше да се врати.

На одмор се замина со водство на Фенербахче од 38-33, а турскиот тим ја одржуваше предноста и во третиот период. Кендрик Нан влезе во ритам, но Американецот на пет минути до крајот ја заработи и петтата лична грешка, по што Фенербахче уште еднаш стигна до двоцифрено водство. Осман погоди неколку тешки шутеви чувајќи го ПАО во игра, но Хол, Мекалум и Болдвин сите погодија клучни шутеви во последните две минути, трасирајќи го патот на Фенербахче до големото финале.

Хол беше неочекуван херој со 18 поени, 15 постигна Биберовиќ, а 13 Меколум, додека најефикасни кај Панатинаикос беа Осман со 20 и Нан со 19 поени.

Во второто полуфинале со почеток во 20 часот ќе се сретнат Олимпијакос и Монако.

Се вчитува...