Поранешниот руски Формула 1 возач Никита Мазепин се бореше за поништување на санкциите на Европската унија кои му беа воведени по рускиот напад на Украина. Мазепин возеше за Хас во 2021 година, а своето место во тимот го доби преку спонзорски договор со руската хемиска компанија Уралкали, која е во сопственост на неговиот татко Дмитриј Мазепин.
По рускиот напад на Украина, нивниот имот беше замрзнат и им беше забрането да патуваат, бидејќи Дмитриј Мазепин важеше за близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин. Поради тоа, тимот на Хас го отпушти 25-годишниот Мазепин.
Сепак, Општиот суд на Европската унија објави дека односот со неговиот татко не е доволен за возачот да остане под санкции, пренесува Би-Би-Си. Во соопштението се додава дека Мазепин престанал да биде возач на Хас, што значи дека Европската унија згрешила што го задржала спортистот на списокот со санкции откако го напуштил тимот.
Санкциите на рускиот возач од март 2022 година остануваат на сила во Велика Британија и Канада, а тој се уште се надева дека може да се врати во Формула 1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА