Ракометарите на Бутел со триумф од 18-14 (8-7) го зачинија европското деби славејќи против украинскиот шампион ЗТР Запорожје во првиот натпревар од 2. квалификациско коло во Купот на ЕХФ.
На натпреварот кој се одигра во СРЦ „Кале“ во Скопје, Бутел одигра квалитетен натпревар запишувајќи значајна победа со која остануваат сериозните шанси за продолжување на европската сцена оваа есен.
Македонските ракометари резевирано го почнаа мечот иако до првото посериозно водство дојдоа во 15. минута кога запишаа 6-3. Во игра гол за гол потоа на полувреме се замина со предност од само еден погодок.
Во вториот дел, со поагресивна игра во одбраната Бутел дојде до 10-7 за да Украинците сепак стигнат до пресврт од 12-13. Но со серија од 4-0 македонскиот претставник во ЕХФ дојде до 16-13, а потоа рутински се одржуваше предноста главно преку одлична одбрана за конечни 18-14.
Најефикасен во редовите на Бутел беше Мирко Мајиќ со седум постигнати гола, а Мојсоски запиша три погодоци. Кај поразените се издвои Тилте со четири постигнати гола.
Реваншот се игра на 13. октомври во Запорожје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА