Филип Лам и Чаби Алонсо вечерашниот дуел против Реал Мадрид ќе го играат со дополнителна мотивација бидејќи истиот би можел да биде нивни последен во ЛШ доколку Баерн Минхен не успее да се пласира во полуфиналето од елитното европско натпреварување. Двајцата великани веќе најавија дека на крајот од сезонава ги завршуваат своите фантастични кариери, па вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ ќе сторат се за да му помогнат на Баерн да ја надмине негативата од првата средба. Особено мотивиран е Алонсо, кој пет години го носеше дресот на „кралевите“. Неговото враќање на Бернабеу побуди многу спомени, но искусниот Шпанец вели дека нема време за сентименталност и дека е фокусиран само на реваншот.
„Уживав пет години на овој терен, создадов многу убави спомени, но вечерва доаѓам како противник и подготвен сум да дадам се за Баерн. Знаеме дека мора да постигнеме минимум два гола, а тоа ќе го направиме доколку ја играме нашата игра. Работевме на грешките од првиот натпревар, па се надевам дека нема да ги направиме истите. Отсуството на Левандовски се почуствува пред една недела, ќе бидам посмирен ако вечер тој е најголемата закана за нивниот голман. Ние се знаеме многу добро со мадриѓаните, ќе биде деведесетминутна класика, сигурен сум во тоа“ – изјави Алонсо.
Филип Лам е свесен за големината на предизвикот, да се брка негатива на еден од најжешките терени во Лигата на шампионите.
„Се сеќавам на неколку добри моменти од претходните меѓусебни пресметки. Пред неколку сезони ние поминавме на пенали, една година подоцна Реал се пласира во следната фаза. Така да, и покрај моменталниот резултат, ништо не е готово. Во 90 минути многу работи може да се сменат или да се потврдат. Не можам да размислувам дека ова може да ми биде последен меч во најелитното натпреварување, во мислите ми е само победа на мојот Баерн. Не знам дали Левандовски е 100% подготвен, но сакам вечер да заигра, секако дека со него во нападот шансите за победа ни се поголеми“ – истакна Лам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА