Ракометарите на Охрид со минимален триумф 21-20 (14-10) над Струга го завршија натпреварот од претпоследното коло во Суперлигата, кој мина во знакот на прерано починатиот голман на охриѓани, Никола Даниловски – Џамбо.
Езерското дерби кое се одигра во спортската сала „Тодор Александров“ во Велгошти мина во доминација на охриѓани кои уште во првото полувреме се стекнаа со убава предност. Во второто полувреме во еден момент имаа и предност од 20-13, но Струга со одличен финиш успеа да дојде до минимален пораз.
Кај охриѓани одличен беше на голот Јагош Брауновиќ со 14 успешни одбрани. Најефикасен беше Филип Николов со пет гола, а Борче Соколов заврши со четири голови. Кај стружани голманот Владо Затарковски имаше 11 одбрани, а по четири голови постигнаа Тодор Јанкулоски и Никола Цветаноски.
Охрид во последната рунда од плејофот во Суперлигата гостува во Битола против Еурофарм Пелистер, а стружани ќе го пречекаат Тинекс Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА