Езгијан Алиоски потпишува за англиски Хал сити!

Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски утре го игра последниот меч во дресот на швајцарски Лугано!? Според пишувањата на англиските медиуми, Алиоски е безмалку сигурен пред потпис со досегашниот премиерлигаш Хал сити.

Како што пренесуваат Англичаните, Алиоски во новата сезона за Хал, сега во Чемпионшип лигата, треба да биде замената за Полјакот Камил Гросицки.

„Од раководството на Хал сити се цврсто решени да го доведат еден од најдобрите фудбалери од првенството на Швајцарија, одличен голгетер иако игра на крилните офанзивни позиции. Македонскиот фудбалер треба да му помогне на Хал брзо да се врати во Премиер лигата“ – пишуваат англиските медиуми.

Хал сити, како што е познато, низ актуелнава сезона во Премиер лигата заврши на 18-та позиција, со што ја напушти најсилната лига на Островот, па од следната сезона ќе се натпреварува во Чемпионшип лигата.

alioski

Алиоски утре за Лугано против Луцерн го игра натпреварот од последното коло во Швајцарија. Веќе е се поизвесно дека тоа ќе биде неговиот последен натпревар за швајцарскиот тим, затоа што јасно е дека го напушта клубот. Иако, самиот Алиоски вели дека е фокусиран уште на утрешниот натпревар а потоа ќе размислува околу иднината на својата кариера…

„Сакам со победа да ја заокружиме сезоната, а зошто да не и со уште некој мој постигнат гол. По крајот на сезоната ќе размислувам околу тоа каде ќе ја продолжам кариерата“ – вели Алиоски, кој потоа од 4. јуни се приклучува на македонската репрезентација на подготовките за дуелите со Турција и со Шпанија.

Езгијан Алиоски доколку утре постигне два гола за Лугано, може да се најде и на врвот на листата на најдобрите стрелци сезонава во Првата швајцарска лига. Во моментов со 16 гола е на третата позиција.

Се вчитува...