Ф1: Нови правила за повозбудлива наредна сезона

За наредната Ф1 сезона се најавуваат можеби најголемите и најдрастичните промени во последните неколку години, кои дефинитивно ќе претставуваат огромен предизвик за тимовите и нивните возачи. 

Возачите на Oracle Red Bull Racing во 2026 година ќе имаат можност да се тркаат со нова генерација на Ф1 болиди со тотално различна шасија, мотор и аеродинамика. Во превод, се најавуваат неколку круцијални промени во Формула 1 светот, нешто што се нема случено во последните 10 години.

Во новата сезона, возачите ќе возат многу полесни и поагилни болиди кои ќе бидат придвижувани од економични хибрид мотори.

Формула 1 се одлучи на промена на правилата најмногу поради брзиот технолошки раст. Сржта на Формула 1 е да биде своевиден полигон за презентација и тестирање на нови технолошки иновации и креации кои на крајот би требало да завршат и редовно да се употребуваат во комерцијалната автомобилска индустрија.

Исто така, другиот фактор кој влијае на промените е спортот како натпревар, затоа што моментално тимовите се крајно конкурентни, со мала временска разлика еден од друг. Но, истовремено Формула 1 како спорт “стагнира”, без некој значаен напредок. Затоа, време е за коренити промени.

Една од првичните промени е пензионирањето на V6 моторите со 1.600ccm, кои доминираат во Формула 1 од 2014 година. На нивно место, ќе бидат инсталирани економични хибридни мотори кои 50% од моќноста ќе ја добиваат од мотор со внатрешно согорување, а другите 50% од батериски погон.

Следна промена е заменувањето на DRS системот со активна аеродинамика која треба да допринесе за полесно маневрирање со болидот. Предните и страничните крила ќе бидат пократки со поедноставен дизајн, со што ќе допринесат за унапредување на перформансот на болидот.

Целта на оваа промена е да бидат многу почести таканаречените “тркало до тркало, браник до браник” битки помеѓу возачите, што дополнително ќе влијае на зголемување на адреналинот и возбудата кај фановите и гледачите на овој спорт.

Во однос на тежината на болидите, новите болиди ќе бидат полесни за 30кг, што директно допринесува за поголема агилност и полесно управување на самиот болид.

Кога сме кај намалувањето, исто така мора да се спомне фактот дека и пневматиците ќе бидат намалени, но без губење на лепливоста на истите. Со намалувањето на тежината на болидот, гравитационата сила и воздушниот отпор, трошењето на пневматиците би требало да остане на исто ниво, што ќе им помогне на возачите да имаат подобар болид за тркање.

Интересна промена ќе има и во тимовите и производителите на мотори. Компанијата Red Bull Powertrains ги здружи силите со Ford, кој се враќа во Формула 1 да развива мотори кои ќе ги движат болидите на Red Bull Racing и Racing Bulls. Од друга страна, Audi го купи Sauber, а првпат после десет години на стартниот грид ќе бидат 11 тимови, затоа што во Ф1 се придружува и Cadillac, кој ќе користи мотор од Ferrari.

За повеќе информации следете ја официјалната страна на Red Bull Македонија.

Се вчитува...