Ф4 од Евролигата: Турците ќе се борат за финале, Реал сака реприза, а ЦСКА одмазда…

Реал Мадрид како актуелен бранител на трофејот и единствена шпанска екипа ќе ја има улогата на „домаќин“ на фајналфор турнирот од Евролигата, што од денеска до недела ќе се одржува во Виторија. „Кралевите“ имаа проблеми со повреди низ целата сезона, но комплетни ќе влезат во денешното полуфинале во кое за ривал ќе ја имаат ЦСКА Москва. Реал никогаш досега не успеал две години по ред да стигне до европската титула, а во однос на ланскиот шампионски тим тренерот Ласо го нема Лука Дончиќ.

Сезонава два пати загубивме од ЦСКА, но тоа е најмалку важно. Ова е еден натпревар во кој ќе решаваат нијанси, искуството на играчите дефинитивно е многу значајно“ – истакна шефот на стручниот штаб на Реал Мадрид, Пабло Ласо.

За ЦСКА Москва ова ќе биде вкупно 18. настап на фајналфор турнирите, а тренерот Итудис е свесен дека неговиот тим мора да одигра многу подобро во однос на ланското полуфинале на Ф4, кога во Белград беше поразен токму од Реал Мадрид со 92-83.

Во првиот денешен натпревар (18 часот) силите ќе ги одмерат лутите ривали од турското првенство, Фенербахче и Анадолу Ефес. Доколку беше комплетен, Фенер ќе важеше за голем фаворит на оваа средба, но во ситуација кога Обрадовиќ на располагање ќе ги нема Датоме и Ловерњ, јасно е дека шансите за триумф на Ефес воопшто не се мали. Добра вест за Фенербахче е што Весели и Калиниќ ги надминаа своите повреди и ќе можат да настапат денеска.

„Не е лесно кога се борите со повреди, но ние ќе сториме се за да стигнеме до посакуваниот резултат. Многу пати сме играле со Ефес сезонава, знаеме што е потребно за да ги победиме“ – прокоментира Обрадовиќ, кому ова ќе му биде 18. фајналфор турнир во елитното европско кошаркарско натпреварување.

На спротивната страна, Ергин Атаман оствари одличен успех со пласманот на овој фајналфор. Доколку успее да стигне до трофејот, турскиот стратег ќе стане само трет тренер во историјата со пехари во Еврокупот и во Евролигата, по Душан Ивковиќ и Дејвид Блат.

Се вчитува...