Златан Ибрахимовиќ и Тајрон Мингс се соочуваат со суспензии од по три меча неиграње, поради инцидентите што се случија во финишот од саботниот дуел меѓу Манчестер јунајтед и Бурнемаут. Судијата Кевин Френд не ги санкционираше ниту газењето на Мингс врз главата на Ибрахимовиќ, ниту пак „реваншот“ на Ибракадабра со лакот во лицето на противничкиот дефанзивец, но членовите на Дисциплинската Комисија на ФА денеска донесоа одлуки за отпочнување на дисциплинска постапка против двајцата фудбалери.
Со образложение дека инцидентите не биле забележани од страна на судијата, кој не ги внел ниту во својот записник, „дисциплинците“ го искористија правото самите да покренат постапка, посочувајќи дека и кај двајцата фудбалери постоела намера при бруталните стартови.
Според процедурите, Ибрахимовиќ и Мингс ќе дадат своја верзија на случувањата и ќе соопштат дали се чувствуваат виновни за инцидентите, но ваквите дисциплински постапки „за насилничко однесување“ речиси секогаш завршуваат со суспензии од по три натпревари за фудбалерите.
Доколку тоа биде случај со Златан Ибрахимовиќ, тој ќе го пропушти четвртфиналето од ФА Купот на Англија против Челси, како и следните премиерлигашки дуели со екипите на ВБА и на Мидлсброу.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА