Ракометарите на Веспрем ќе ја имаат фаворитската улога на гостувањето во Битола против Е. Пелистер, но избраниците на Чави Пасквал се свесни дека никако не смеат да го потценат македонскиот првак, нешто за што Спортинг неодамна плати со губење на планирани бодови во салата „Боро Чурлевски“.
Пивотот Лудовик Фабрегас потенцираше дека атмосферата што битолските навивачи ја создаваат на натпреварите секогаш претставува проблем за гостинските екипи во Лигата на Шампионите.
„Како и на секое гостување во ЛШ, сигурно нема да ни биде лесно… Во Битола секогаш атмосферата е многу добра и Пелистер има предност поради тоа. Тие ќе играат на домашен терен, пред своите фанови, мислам дека нема да биде лесно, но ние секако одиме во Македонија за да победиме. Во последно време играме многу добро, триумфот на клупскиот мундијал беше многу важен бидејќи уште повеќе ни ја зголеми самодовербата. Задоволни сме од формата, но важно е да продолжиме во ист стил, почнувајќи од дуелот со Пелистер“, изјави Фабрегас.
Дуелот меѓу Е. Пелистер и Веспрем на програмата е в четврток во 20.45 часот. Македонскиот првак е седмопласиран во групата од осум екипи со еден освоен бод по првите пет рунди, додека Веспрем е второпласиран со осум бодови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА