Фабрегас го напушта Челси, но не и Англија

Цеск Фабрегас најверојатно ќе го напушти „Стемфорд бриџ“ на крајот од оваа сезона, но Шпанецот не сака да замине од Англија, што е добра вест за Манчестер јунајтед и за Ливерпул. Најтрофејните англиски клубови се во трка за потписот на шпанскиот репрезентативец, а се подготвени да одвојат 30 милиони фунти за мајсторот за асистенции.

Мурињо беше човекот што го донесе Фабрегас на „Стемфорд бриџ“, португалскиот менаџер го убеди да потпише за градскиот ривал на „неговиот“ Арсенал, за сума од 33 милиони фунти пристигна од Барселона, а за само 10 месеци успеа да ја освои Премиер лигата, нешто што не му успеваше со „топчиите“ цели осум години. Сега „специјалниот“ повторно сака да соработува со Шпанецот, но дали Фабрегас ќе сака да облече дрес на уште еден ривал на Арсенал, ќе одлучи летово.

Сепак, обединувањето на Мурињо и Цеск може да го расипе Ливерпул. „Редси“ немаат фудбалер со плата од 200.000 фунти, но Фабрегас може да стане првиот што ќе заработува толкава сума на „Енфилд“. Иако звучи помалку нереален овој потег на Ливерпул, Клоп сериозно размислува да го доведе искусниот фудбалер, кој без сомневање би бил големо засилување во средниот ред.

29-годишниот играч за врска иако не стартуваше на повеќето од натпреварите сезонава, и тоа како беше од корист во многу круцијални моменти за „сините“. Фабрегас на 33 натпревари во домашното првенство и куповите забележа 12 асистенции и при тоа шест пати ја тресеше мрежата, а против Саутемптон пред две кола стана вториот најдобар асистент во историјата на Премиер лигата со 105 асистенции.

 

Се вчитува...