Барселона доживеа фијаско на фајналфор турнирот во Келн, но нема никаков сомнеж дека каталонскиот гигант ќе стори се за веќе во наредната сезона да се врати на тронот на ракометна Европа.
Во тој правец денеска беше официјализиран еден мегатрансфер, со кој Барса го врати назад во своите редови Луддовик Фабрегас, еден од најдобрите пивот во светскиот ракомет во моментов. Францускиот репрезентативец настапуваше за Барселона од 2018 до 2023 година, последните две сезони ги мина во дресот на Веспрем, но откако не успеа да стигне до посакуваната европска титула со унгарскиот гигант реши да се врати назад во каталонската престолнина.
„Враќањето назад во Барса е најдоброто нешто што можеше да ми се случи, на професионално и на семејно ниво. Горд сум што се враќам, пресреќен што повторно ќе го облечам дресот на Барселона, да се игра во овој клуб е најголемиот можен ракометен предизвик, секогаш се бара максимумот од тебе, но јас ги делам истите амбиции со каталонскиот гигант – да освојам се што може да се освои“, изјави Фабрегас по потписот на договорот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

