„Гуруто за трансфери“ Фабрицио Романо повторно се огласи, а овој пат тврди дека португалската ѕвезда Кристијано Роналдо сака да си замине од Јувентус, уште повеќе подгревајќи ги најавите дека до крајот на летниот преоден рок може да се случи нов бомбастичен трансфер летово.
Од Јувентус демантираа дека Роналдо е незадоволен, откако се појавија информации дека се спрема трансфер штом не е во првиот тим за воведниот меч со Удинезе, на кој влезе во 60-та минута од мечот, па ВАР му поништи гол за победа на „старата дама“ во 95-та минута.
Но, вчера се појавија информации дека без оглед што Јувентус сака да го задржи Роналдо, кој влезе во последната година од својот договор, веќе има ставено откупна отштета од 25 милиони евра за евентуално заинтересираните клубови да го ангажираат, но во случајот со Португалецот, малку клубови би можеле да го донесат и покрај „смешните пари“, зашто мора да му дадат 30 милиони годишна плата, колку што има во Торино.
„Кристијано Роналдо сака да си оди од Јувентус, а Јувентус сака да остане. Но, единствена опција за Роналдо се само англиските клубови и тоа тие што играат во Лигата на шампионите. Роналдо може да оди само во англиски клуб или нема договор“, објави Романо.
Челси, Манчестер јунајтед, Манчестер сити и Ливерпул е четворката која ќе игра сезонава во ЛШ, па освен враќање на „Олд Трафорд“ сите останати трансфери се нереални. Ливерпул за приоритет има задржување на клучните играчи и нема намера да пазари нови засилувања, Челси веќе донесе напаѓач за многу пари со ангажманот на Ромелу Лукаку за 115 милиони евра, а само Сити би бил евентуална опција, иако приоритет на „граѓаните“ е Хери Кејн за кого веќе повторно доставиле официјална понуда за џиновски и нов рекорден островски трансефр до Тотнхем.
Роналдо летово веќе се поврзуваше со враќање во Манчестре јунајтед, па во Реал Мадрид, потоа со можност да дојде во ПСЖ ако Килијан Мбапе си замине, што е многу изгледно според последните информации, Французинот да се пресели во Реал, а на крај дојде и шпекулацијата дека Португалецот сам му се нудел на Сити, што го налути за со реакција да посочи дека „многумина не го почитуваат ниту него, ниту клубовите и дека се обидуваат да му го извалкаат името“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА