„Фајнл-фор“ во Белград: Ефес, Олимпијакос, Барса или Реал – кој ќе биде европски шампион?

Завршницата на Евролигата која оваа година се одржува во Белград започнува денеска од 18 часот со полуфиналниот натпревар помеѓу Олимпијакос и Ефес, а продолжува од 21 часот со мечот помеѓу Барселона и Реал Мадрид. Дали турскиот клуб ќе ја одбрани титула или пак Европа ќе добие нов „владетел“ ќе дознаеме во сабота.

Олимпијакос е најпријатното изненадување во сезоната и во главниот град на Србија доаѓа по неверојатната серија против Монако, додека Ефес кој се мачеше во текот на целата сезона, сепак се избори за место меѓу најдобрите четири тима. Турскиот состав регуларниот дел од сезоната го заврши на шестото место, а до плеј-офот можеби и немаше да стигне доколку не беше дисквалификацијата на руските тимови.

Сепак избраниците на Атаман докажаа дека се најдобри кога е најпотребно и со 3-1 во серијата против фаворизираниот Милано стигнаа до уште една завршницата на најсилното кошаркарско натпреварување на „стариот континент“.

Барселона која втора година по ред важи за фаворит за трофејот во Белград ќе го има најголемиот притисок меѓу тимовите. Каталонците немаат право на грешка, а ги очекува секогаш незгодниот Реал Мадрид кој ја брка 11. титула во Евролигата.

Барселона се намачи да стигне до завршницата во плеј-оф серијата против Баерн Минхен, додека „кралевите“ со 3-0 славеа против Макаби, уште еднаш докажувајќи го победничкиот карактер.

Избраниците на Јасикевичиус доминираа во „ел класико“ мечевите оваа сезона, а дали повтoрно ќе проработи каталонската напаѓачка „машинерија“ останува да видиме.

Се вчитува...