МЗТ Скопје успеја да стигне до вториот триумф во „балонот“ на АБА2 Лигата откако го совлада составот на Широки со 73-80. Аеродромци овој пат потфрлија во играта под обрачот каде тимот од Мостар забележа 39 скока од кои 12 офанзивни, наспротив 25 на „сино-белите“, но доброто искористување на грешките на противникот (22), пред се предизвикaни од добрата одбрана беа доволни за нов триумф, втор во низа.
На почетокот на натпреварот избраниците на Ѓорѓи Кочов се обидоа со агресивна одбрана да го нарушат ритамот на Широки, но брзо влегоа во проблем со лични грешки и му дозволија на противникот да постигнува лесни поени од линијата за слободни фрлања. Сепак, аеродромци ги служеше шутот за три поени па на овој начин се одржуваа во игра за по десет минути на семафорот да стои 24-21 за тимот од Мостар. Во првата четвртина Широки успеја да го затвори рекетот и да го оневозможи Бојиќ, меѓутоа со влезот на Олуџоби на паркетот, МЗТ Скопје ја доби потребната енергија, направи серија од 11-0 за превземање на водството, притоа ги користеше и грешките на Широки, па на полувремето замина со предност од 35-41. Оваа предност можеше да биде и поголема, но тимот од Мостар погоди неколку тешки шутеви па со нив се одржуваше во игра.
МЗТ Скопје со истата формула го започна и второто полувреме, агресивната одбрана и ниската петорка продолжија да прават проблем за Широки па „сино-белите“ во два наврати заминаа и на +12. Сепак Широки не се предаде, погодија две тројки од неизградена позиција па составот од Мостар прво успеја да ја одржи разликата едноцифрена, а потоа и да го искористи одморот на Карачиќ и влезот на Бојиќ на паркетот за преку играта под обрач да стигне и до серија од 7-0 со која се врати во игра. Олуџоби и Карачиќ одново донесоа стабилност во таборот на македонскиот состав. На пет минути до крајот на натпреварот МЗТ Скопје стигна до најголемата предност од +14 (55-69), и се чинеше дека ги реши сите дилеми за победник на овој натпревар, но падот во играта дојде во најлошиот момент. Широки заигра далеку подобро, агресивната одбрана доведе во проблеми во протикот на нападот на аеродромци па набргу предноста беше „стопена“ на само +4 (67-71). Клучниот момент на натпреварот беше тројката на Андреј Магдевски на 67 секунди до крајот на натпреварот, по што следеше „пенал завршница“ во која мирната рака на Тодрик Готчер беше пресудна.
Со 24 поени и 5 скока најрасположен во таборот на тимот од Аеродром беше Феми Олуџоби, додека Дамјан Стојановски додаде 15 поени и 3 асистенции. Како двоцифрен натпреварот го заврши и Тодрик Готчер кој забележа 11 поени и 7 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА