И Фени индустри и Кожув ги продолжуваат настапите во БИБЛ-лигата откако целата работа ја заврши тимот на Берое со гостинскиот триумф над Сутјеска. Македонското дерби што вечерва се играше во Кавадарци заврши со триумф на Кожув од минимални 69-70, но поради поразот на Сутјеска овој меч наместо битка за четвртфинале се претвори во борба за второто место, бидејќи со ваквиот развој на настаните и двата македонски клубови обезбедија пласман во следната нокаут фаза.
Кошаркарите на Кожув фуриозно ја почнаа средбата, па за само 0и пол минути игра гостите веќе поведоа со 0-10. Фени првите поени ги постигна во четвртата минута откако Шарабидзе беше еднаш прецизен од двата обиди од линијата за слободни фрлања, но гостинските кошаркари без поголеми проблеми ја одржуваа предноста во почнетата четвртина, која заврши со резултат 13-20. Кавадарчани на стартот од втората четвртина стигнаа до 17-22, но потоа Кожув постигна дури 12 поени во низа и уште повеќе ја зголеми својата позитива.
Чешковиќ со поени во финишот од полувремето помогна Фени по две четвртини да заостанува само единаесет поени (26-37), а Кожув продолжи во ист ритам и на стартот од второто полувреме, па по 24 минути игра гостите имаа огромни 18 поени предност (29-47). Ѓекиќ и Николовски постигнаа тројки со кои домашниот тим се врати во ритам, Фени почна да ја намалува негативата, а како што минуваше времето, така растеше безидејноста во нападот на гостите. Предноста на Кожув се топеше, па со слободните фрлања на Јане Петровски домашниот состав дури и поведе со 67-66. Американецот Хол беше човекот на одлука, откако токму тој ги реализираше следните два напади на Кожув со кои оваа екипа стигна до голема победа, со која го освои второто место во својата група.
Чешковиќ со 16 и Петровски со 13 поени беа единствените со двоцифрен ефект кај Фени индустри, додека најефикасни во редовите на Кожув на оваа средба беа Ѓурасовиќ со 15 и Мијовиќ со 14 постигнати поени
Според пропозициите, првите екипи од двете групи обезбедуваат автоматски пласман во полуфиналето, каде ќе се сретнат со подобрите од четвртфиналните пресметки меѓу второ и третопласираните тимови од овие групи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА