Ненад Димитријевиќ со својот најдобар меч сезонава му донесе нова победа на Хувентуд во Еврокупот, овојпат против францускиот претставник Нантер со резултат 80-78.
Домаќините настапија ослабени поради неиграњето на Клемен Препелич, но македонскиот ас максимално го искористи отсуството на Словенецот, преземајќи ја лидерската улога во тимот и одлично снаоѓајќи се со истата. Димитријевиќ го заврши натпреварот со 23 поени и одличен шут од поле (2/4 за три, 6/6 за два, 5/6 за еден поен), надополнети со пет асистенции и две украдени топки.
Воедно, македонскиот плејмејкер беше и човек на одлука, преземајќи ја одговорноста во последниот напад, па при 77-78 тргна на влез и погоди под прекршок, од линијата за слободни фрлања поставувајќи ги конечните 80-78.
Ова беше четврта победа на Хувентуд по шест одиграни кола во Еврокупот, со што тимот од Бадалона се наоѓа на чекор до Топ 16 фазата од ова натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА