Фантастичниот Шортс донесе пресврт во Болоња, Фурние побрз од сирената во Барселона (видео)

Ти-Џеј Шортс беше во главна улога во новата евролигашка победа на Париз, овојпат извојувана на жешкиот терен во Болоња со резултат 77-83. Италијанскиот вицепрвак имаше контрола три четвртини, на периоди Виртус водеше и со двоцифрена предност, но тогаш на сцена стапи Шортс, кој го предводеше својот тим до голем пресврт. Македонскиот репрезентативец го заврши мечот со 16 поени, 6 асистенции и дури 9 изнудени лични грешки од противниците, за вкупно 31 индексен поен.

Супер-драматично беше и во Барселона, каде домашниот тим по голема борба загуби од Олимпијакос со 88-90. Везенков имаше свое шоу, Пантер одговори со прецизно изведени слободни фрлања во серија во последната минута, па резултатот на десетина секунди до крајот беше израмнет (88-88). Топката ја зеде Фурние, за момент делуваше дека Французинот нема идеја, но тој се снајде во последен момент и со положување со самиот звук на сирената донесе победа на грчкиот гигант на гостувањето во каталонската престолнина.

Везенков беше клучна фигура во победничкиот тим со 24 поени, 20 постигна Вилијамс Гос, а со 18 поени мечот го заврши херојот Фурние. Најефикасни кај Барселона во овој пораз беа Пантер со 20 и Мету со 16 поени.

Басконија на домашен терен славеше над Макаби со 89-82, продлабочувајќи ја кризата на израелскиот кошаркарски џин. Шпанскиот тим имаше „плус 17“ и напад во последната четвртина, Макаби не се предаде и дојде до пет поени разлика, но Басконија го имаше расположениот Луваву Кабаро во финишот и заслужено стигна до победата. Најдобар поединец на натпреварот беше домашниот кошаркар Чима Монеке, кој го заврши мечот со 18 поени, 8 скокови и 4 асистенции.

Се вчитува...