Фантастичниот Шортс го потопи и европскиот првак, Реал Мадрид до победа во Белград

Ти-Џеј Шортс одигра уште една блескава евролигашка партија откако македонскиот репрезентативец го предводеше Париз до голема победа од 98-101 на гостувањето против Панатинаикос. Европскиот првак немаше одговор за извонредниот плејмејкер, кој доминираше од почеток до крај, завршувајќи го мечот со 20 поени, 14 асистенции и 9 скокови (само еден скок недостигаше за фантастичен трипл-дабл), но и девет изнудени лични грешки од противничките кошаркари.

Париз водеше цел натпревар, гостите имаа „плус осум“ на една минута до крајот, но ПАО се врати и во финишот се влезе во неизвесна завршница. Европскиот првак имаше шут за израмнување, но откако Париз загуби пред неколку дена од Фенербахче со звукот на сирената, овојпат обидот на Хернангомез не беше прецизен, по што францускиот тим заслужено се враќа дома со голема победа, која е од огромно значење во борбата за доигрувањето.

Црвена Звезда не успеа да ја продолжи победничката серија и на дуелот со Реал Мадрид, откако „кралевите“ како гости славеа во Белград со 72-78. Реал одигра извонредни три четвртини лесно контролирајќи го двоцифреното водство, но „црвено-белите“ се вратија и преку Милер Мекинтајер дојдоа на само два поена разлика. Сепак, Реал во клучните моменти го имаше мирниот Кампацо, кој од линијата за слободни фрлања стави печат на заслужената победа на шпанскиот гигант.

Тавареш со 14 поени беше прв стрелец на Реал, по 11 постигнаа Љуљ и Кампацо, додека најефикасен кај Црвена Звезда беше Милер Мекинтаер со 24 поени.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...