Македонската ракометна репрезентација утре од 19 часот ја очекува реванш натпреварот против Фарските острови од баражот за пласман на Светското првенство 2025. Но, на точно 30 часа до почетокот на натпреварот се погласни се стравувањата за одложување на дуелот поради тоа што ракометарите на Фарските острови се уште се заглавени на аеродром во Торшавн поради густата магла и невремето кое веќе 24 часа го зафати овој остров.
Експидицијата на Фарските острови, и покрај најавите за утринско полетување кон Скопје, се уште чека дозвола за напуштање на аеродромот и прелет преку Копенхаген или Виена за пристигнување во главниот град на Македонија.
Како што пренесуваат медиумите од Фарските острови, стравувањата се дека временската ситуација може да стане и полоша низ следните часови, но во секој случај се очекува попладнево нивната ракометна репрезентација да полета и во вечерните часови да пристигне во Скопје.
Веќе се реализирани и контакти со Европската ракометна федерација (ЕХФ) од каде им е посочено дека не постои можност за одложување на утрешниот натпревар. Во случај Фарските острови да не допатуваат во Скопје, тогаш мечот службено би се регистрирал со резултат од 10-0 за Македонија. А, со оглед на тоа дека на првиот меч Фарските острови победија со седум гола разлика, тогаш Македонија ќе биде учесник на СП 2025.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА