ФАРСА ДО ДАСКА: Наумоски си замина среде Собрание

Македонската кошарка вечерва го допре дното, откако претседателот Петар Наумоски си замина среде Собранието што самиот го закажа, одбивајќи да ја стави на дневен ред точката со која требаше да се гласа за негова (не)доверба. По паузата за доделување на наградите тој уште еднаш посочи дека овде не станува збор за Вонредно собрание на кое би се гласало за нов претседател, игнорирајќи го членот 44 од Деловникот за работа што им дава на право на делегатите да побараат и добијат промена во дневниот ред.

Јас и членовите на претседателството не сакаме да бидеме дел од црно сценарио кое за жал ќе влезе во некоја негативна историја на кошарката. Вие сепак сте делегати и можете да останете и по нашето напуштање и да изгласате нов претседател доколку сакате. Го почитуваме правото на глас на секој од присутните, но и не сакаме да одиме во некои сценарија што не се пожелни“ – истакна Наумоски, стана и си замина среде Собранието.

Кукавичлукот во ситуација на сигурен пораз беше очигледен, а тензијата кај него стана уште поголема откако делегатите не го прифатија ниту неговото Здружение „три на три“, формирано за лични потреби и прифатено само неколку дена пред собранието.

Останува дилемата во кој правец ќе се движи кошарката во следниот период и дали Наумоски воопшто ќе прифати иницијатива за негова смена, кога тврдоглаво одби такво нешто вечерва, ускратувајќи ги од сосема легитимно право делегатите во нивната желба.

Ако се соберат потписи за Вонредно Собрание, што сигурно нема да биде проблем, Наумоски ќе треба да распише такво нешто најдоцна за 15 дена, но со последниот развој на настаните, се поставува прашање до каде ќе оди самобендисаноста и недомаќинското работење на претседателот.

Се вчитува...