Роџер Федерер го продолжува своето владеење на гранслем турнирите откако Швајцарецот успеа да ја одбрани титулата на Австралија опен, стигнувајќи до 20. пехар на најсилните турнири во својата кариера. Тој во денешното финале наиде на силен отпор од Марин Чилиќ, но одговори на предизвикот и по огромна борба триумфираше со 3-2 во сетови.
Швајцарскиот ас извонредно го почна финалето, целосно доминирајќи во првиот сет. Само 24 минути му беа доволни на Федерер за водство од 1-0 во сетови (6-2), период во кој бранителот на трофејот загуби само два поени на свој сервис. Чилиќ заигра подобро, па во вториот сет можеше да се проследи многу поинтересна битка. Победникот се решаваше со тајбрејк, а во него подобро се снајде Хрватот, кој славеше со 7-5 за израмнуање на 1-1 во сетови.
Федерер не падна на психолошки план, туку повторно заигра на врвно ниво, што придонесе Швајцарецот набрзина да стигне до брејк, а потоа и до водство од 2-1 во сетови (6-3). Веќе во првиот гејм од четвртиот сет Федерер повторно направи брејк, нешто подоцна поведе и со 2-0 и 3-1 и се чинеше дека се е готово на ова финале. Сепак, Чилиќ немаше намера да се откаже, па четвртиот носител набрзина освои три гејма во низа и поведе со 3-4. Федерер беше во нокдаун, а полетниот Хрват знаеше како да го искористи тоа, направи уште еден брејк и го доби четвртиот сет со конечни 3-6.
Чилиќ сепак не успеа да ја искористи шансата на стартот од петтиот сет, кој при 0-0 не дојде до брејк и покрај слабата игра на Федерер. Тоа беше сосема доволно за Швајцараецот да воскресне, веќе во следниот гејм тој да направи брејк, па набрзина да стигне и до водство од 3-0 во решавачкиот сет. За разлика од претходниот сет овојпат Федерер не му дозволи камбек на својот противник, триумфирајќи со 6-1 за 20. гранслем трофеј во кариерата на извонредниот швајцарски тенисер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА