Роџер Федерер е првиот полуфиналист на АТП шампионатот во Лондон, откако по само два меча Швајцарецот го осигура првото место во својата група. По почетните 2-0 над Џек Сок, Федерер вечерва славеше со 2-1 над Алекс Зверев, одмаздувајќи му се на германскиот ас за поразот во финалето во Монтреал. Иако не беше во својата препознатлива форма, Федерер сепак стори доволно за да го скрши отпорот на противникот, па сега ќе може да си дозволи и мало опуштање и штедење на силите на мечот од третото коло против Чилиќ.
Мечот почна со сервис на Федерер и предност на Зверев од 0-40, што Германецот не успеаја да ја претвори во брејк бидејќи швајцарскиот великан се разбуди во вистински момент и го сврте резултатот во своја полза. Првиот сет беше решен во тајбрејк, а Зверев има за што да жали бидејќи имаше предност од 4-0, потоа и од 6-5, но на крајот Швајцарецот славеше со 8-6.
Зверев делуваше во шок, па Федерер експресно направи брејк на стартот од вториот сет. И кога сите помислија дека вториот носител рутински ќе си ја доработи задачата, младиот Германец успеа да се врати, најпрвин го израмни резултатот во вториот сет, а потоа со нов брејк стигна до 5-7, борејќи се за трет сет во овој интересен дуел. Сепак, тоа беше се што германскиот тенисер успеа да стори бидејќи Федерер ја врати контролата, набрзина направи два брејка во решавачкиот сет и стигна до конечни 6-1.
Овој триумф значи дека Швајцарецот сигурно е првопласиран во својата група пред дуелот со Марин Чилиќ, додека Зверев во директна битка со Сок ќе го реши прашањето на вториот патник во полуфиналето.
Во првиот меч на денешната програма, Чилиќ прокоцка предност од 1-0 во сетови, па Сок на крајот заслужено триумфираше со 1-2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА